Во џунглата од социјални медиуми ние сме мајмуни

Во светот на социјалните медиуми, каде што потребата од генерирање на содржина е значително поголема од генерирање на квалитет, стигнавме до степен кога се споделуваат вон здраворазумски содржини.

Во раните денови на Фејсбук имаше една левтерна игра каде што играчите растеа зеленчук на фарма. Покрај секојдневното берење и наводнување, фармата требаше да се чисти од бубабчки и колку и да се бубачките лоши на вистинските фарми овде носеа многу поени. Тогаш за првпат, фамилијарно, отворивме екстра (лажен) профил само за да можеме да си ставаме бубачки на фармата и да собираме повеќе поени, а со тоа детето да ни биде задоволно дека напредува. Е сега играта со фармата ја нема, но концептот е ист. Неколку објави во денот, неколку коментари, лајк овде-онде и при намалена интеракција муабет со второто јас (лажниот профил). Содржина мора да има по секоја цена, бидејќи ако те нема, веднаш паѓа влијанието, се губат следачи и други алгоритамски проблеми. Генерирањето на вишок содржини по малку наликува на пијан муабет во кафеана кога не ти се оди дома, па ја занимаваш масата со застарени анегдоти, напумпани спомени, погрешни толкувања, субјективни ставови, непримислени досетки и општо замарање на персоналот и гостите.

Она што малку се смени во последно време е количината на лајкови и споделувања кои некако полека, полека се намалија и како да се одраз на умор кај корисниците да стиснат уште едно копче или можеби сега повнимателно ги толкуваат објавите? Не знам. За ова треба анализа. Но, затоа веднаш излегоа алгоритми кои бројат видувања, ангажирања и слично, за повторно да се потикне лачењето на допаминот кај објавувачот. Не можеме да ја победиме оваа игра со програмерите, а уште повеќе со вештачката интелегенција која се чини дека нѐ сфаќа подобро отколку што се сфаќаме самите себе си.

Срам ми е да споделам што сѐ ми нуди алгоритамот на Фејсбук, но за цел живот се изначитав лошо преведени, нелекторирани, граматички погрешни текстови за сите можни болести, диети, вежби за затегнување, актуелни случувања од сите сфери и како да ми цветаат орхидеите (машала добри се, стварно цветаат).  Мојата љубопитност да кликам на сѐ и сешто има направено каша попара во алгоритамот на Фејсбук.

Најомилен ми е сепак Твитер кој покрај тоа што ги третира секојдневните теми произлезени од општ масовен интерес,  е збир на сите мрежи на едно место. Кој се изрезилил на Инста, споделен е на Твитер, ако имало нешто добро на Редит, ете го на Твитер, групите од Фејсбук се секогаш на тапет на Твитер, а ТикТок е црешата на врвот за колективна запрепастеност до каде може да оди човечката глупост.

Ако случајно немате дел од овие мрежи или немате време да им се посветите, не очајувајте, тука се порталите кои ќе направат вест од објавите на познатите и помалку познатите личности во државава, со ексклузивни наслови:

Видете како пејачката се пошегува на своја сметка!
Популарното лице од ТВ екраните јавно распали на социјалните медиуми!
Што ѝ напиша актерот на својата девојка во коментар?
Видете како оваа позната инфлуенсерка ѝ врати на другата позната инфлуенсерка!
Нема да верувате како денес изгледа (некој што сме заборавиле дека постои и се осмелил да стави своја фотографија)!

Но, сепак, возрасните се возрасни и свесно бираат како ќе го поминат своето време на Земјата и како, и колку ќе се изложуваат на секакви глупости. Што правиме со децата? Ако не им дозволиме да бидат присутни на социјалните медиуми излегуваат прости и заостанати, неспособни да се вклучат во разговор со нивните врсници. Ако им дозволиме со некое ограничување или надгледување треба цело време да им стоиме како џандари над глава, бидејќи самоконтролата кај деца скоро и да не постои. Ако им дозволиме да тераат, па што биде - биде, ги изложуваме да станат жртви на некој небулозен предизвик, евентуално жртви на онлајн булинг или предатори. Не е воопшто лесно да си дете денес, ама ужасно тешко е и да си родител.

Досега, со сопругот, пробавме да играме на картата обратна психологија, тоа што го гледа никако да не го прави, тоа што го слуша никако да не го употребува. Се обидовме да ја ограничиме употребата на уреди до два часа пред легнувања и успеавме да го научиме да се движи тивко и да слуша на слушалки во деновите кога успеваше да го украде без наше знаење. Пробавме да го лимитираме времето на гледање на YouTube и заклучивме дека всушност само таму гледа нешто паметно (откако му помина фасцинацијата од јутјуберите што играат игрици онлајн). Она што никогаш не му забранивме е да игра игри, особено зимно време, за колку - толку да ги спасиме кујнските плочки на комшиката под нас, кои под налет на неговите кошаркарски скокови од ѕидни преминуваа во подни.

Што се однесува до психолошките последици од прекумерната употреба на уреди и киснење на социјални мрежи допрва ќе си ја трескаме главата и ќе анализираме, но едно знам - во случај да нѐ нападнат вонземјани, младите не само што нема да приметат туку нема да имаат ништо против, сѐ додека работи интернетот.